Се за HALLOWEEN Сподели

Во повеќето западни земји 31-ви откомври се слави како Ноќ на вештерките, односно „Halloween“. Празникот се одбележува првенствено во земјите како Ирска, САД, Канада, Порторико, Австралија и Нов Зеланд. Подоцна славењето на Ноќта на вештерките се проширило и на многу други земји, особено во оние каде има мнозинско католичко население, бидејќи се слави токму во очи на празникот Сите светци.

Како започнал да се слави Halloween?

Самиот збор „Halloween“ датира од 16-иот век, а колку и да се обидува да се огради Црквата од тој „пагански обичај“, потекнува токму од Католичката црква – настанал со спојување на зборовите„ All-Hallows-Evening“ (вечер пред празникот на Сите светци).
Почетоците на одбележувањето на Ноќта на вештерките датира уште од петтиот век п.н.е., кога старите Келти ги славеле богот на Сонцето и господарот на Смртта. За нив, 1-ви ноември означувал почеток на новата година. Келтите верувале дека во ноќта меѓу 31-ви и 1-ви мртвите ги напуштаат своите гробови и шетаат по Земјата, а за да го избегнат соочувањето со нив, луѓето правеле голема бучава и се прекривале со застрашувачки маски. Се верувало и дека мртвите доаѓаат по храна, па пред своите куќи таа вечер оставале издлабени компири и репки.
Подоцна, и Римјаните и дале значење на оваа ноќ, а ја сметале за преминување во зимата, мрачниот период од годината. Тие за Ноќта на вештерките ги гаснеле огништата, а исто така верувале дека мртвите доаѓале на овој свет, па оставале издлабени овошја на праговите, за да ги истераат умрените.
Сега тоа е најчесто тиквата, што поголемиот дел од светот кој ја слави ноќта, го прифатиле од Американците.Обичајот на длабење на тикви за Ноќта на вештерките датира од 16-иот век, а се заснова на ирската легенда за екстремно скржавиот ковач Џек кој за време на својот живот во повеќе наврати го измамил ѓаволот. Кога умрел не сакале да го примат во Рајот заради грешниот живот, а ни ѓаволот не сакал да му отвори врата од Пеколот заради претходните измами. Од ѓаволот Џек добил неколку жарчиња кои ги ставил во издлабена тиква и така, како симбол на проклета душа, продолжил да лута помеѓу световите.

Како се празнува Ноќта на вештерките или Halloween?

Карактеристично за празнувањето е тоа што семејствата длабат тикви во разни облици, ставаат фенер во вдлабнатината и тиквата ја оставаат пред вратата за време на ноќта. Jack-o’-lantern е симболичното име на тиквата која се вдлабнува специјално за овој ден. Децата се облекуваат во страшни костими како вештерки, духови, волшебници, костури и со украсена торба во рака одат од куќа до куќа кажувајќи ја познатата реченица: „Trick or treat“ (Да ти направам трик или ќе ми дадеш чоколатце).
Една од активностите е и бркање јаболка (Apple bobbing), кои се ставаат во големо буре со вода околу кое се собираат неколку деца или возрасни, кои со заби треба да ги извадат јаболката – кој ќе извади повеќе, тој е победник. Исто така, јаболко се закачува и на јаже. Некој стои пред јажето, тоа се турка и со заби треба да се фати јаболкото.
Бидејќи празникот е во есен, кога се берат јаболка, за овој ден се прават зашеќерени јаболчиња кои им се даваат на најмалите во семејството. Исто така, се прават најразлични специјалитети со тиква, како што е најпознатата Pumpkin Pie – пита со тиква.